Астролошки речник

А

Aголни куќи се првата, четвртата, седмата и десеттата. Обично планетите кои се наоѓаат во нив се од посебно значење за анализа и ја прават личноста поамбициозна и иницијативна.
Астрологија е наука која ја изучува врската помеѓу небесните тела и живата и неживата природа на Земјата.
Асцендент (подзнак) е знакот кој прв се појавува на истокот. Асцендентот е почетокот на првата куќа.
Аспект претставува меѓусебен однос (агол) помеѓу планетите и/или другите значајни точки во хороскопот.
Агли. Овој термин се однесува на четирите главни агли во една астролошка карта: асцендентот (врвот на првата куќа); спротивно на него се наоѓа десцендентот (врвот на седмата куќа). Зенитот (МЦ) е врвот на десеттата куќа кој се наоѓа на најјужната точка; спротивно на него се наоѓа имум коели (ИЦ), кој е врвот на четвртата куќа.
Афликација е термин кој се користи кога една планета склучува негативен (лош, конфликтен) аспект со некоја друга планета (точка,ѕвезда,агол,итн).
Апликација е аспект кој означува дека една (побрза планета) се доближува до друга планета и до нивен точен аспект.

В

Водени знаци се пресметуваат според елементот вода. Тие се: Рак, Шкорпија и Риби.
Воздушни знаци се пресметуваат според елементот воздух. Тие се: Близнаци, Терезија и Водолија.
Втора куќа (дом) одговара на знакот Бик и нејзин природен владетел е планетата Венера. Втората куќа го претставува нашиот систем на вредности, на кој начин ќе заработуваме (и трошиме) од нашата идна професија. Го покажува нашиот однос спрема парите и нашата потреба од материјална сигурност.
Венера е планета која владее со Бикот и Терезијата во астрологијата. Го означува начинот на кој ги гледаме другите луѓе, потребата од дружење, љубов, забава... Во машкиот хороскоп го покажува знакот на идеалната љубовница. Каде се наоѓа Венера во хороскопот, таму се чувствувате најопуштено и многу пријатно.
Голем крст е конфигурација од аспекти каде четири планети се меѓусебно поврзани со по две опозиции и четири квадрати. Големиот крст може да биде: кардинален, фиксен и променлив.
Владетел на хороскопот е планетата која владее со подзнакот.

Г

Голем тригон  е конфигурација која се состои од најмалку три планети кои меѓусебно образуваат тригон. Големиот тригон може да биде: кардинален, фиксен и променлив.

Д

Директен од е планета која на нашиот ѕвезден свод се движи (привидно) спротивно на стрелките на часовникот. Исто така, ако една планета престанала да се движи ретроградно, таа повторно почнува со директниот од.
Дванаесеттина. Кога секој знак од 30 степени ќе го поделиме на 12, добиваме дека една дванаесеттина се состои од 2,5 степени.
Декада (десетина) го дели секој знак на десет степени. Владетелот на целиот знак е посебен владетел и на првите десет степени. Вторите десет степени припаѓаат на вториот знак според истиот елемент, и третиот знак, според истиот елемент, владее со последните десет степени од тој знак.
Деклинација е оддалеченоста на планетата северно или јужно од екваторот. Секој дел од еклиптиката има деклинација освен почетокот на Овен и Терезија, бидејќи рамнината на еклиптиката не е парелелна со таа на екваторот. Сонцето има максимална деклинација од 23°28', кога ги достигнува точките на Ракот на север и точката на Јарецот на југ. Деклинацијата се јавува како резултат на наклонетоста на Земјата за време  на своето движење.
Десцендент е врвот на седмата куќа кој се наоѓа во истиот степен, како и асцендентот, но во спротивниот негов знак.
Деветта куќа одговара на знакот Стрелец и нејзин природен владетел е Јупитер. Деветтата куќа владее со долгите патувања, странците, религијата, филозофијата. Исто така, владее со нашите амбиции, високо образование, подалечни роднини, итн.
Десетта куќа одговара на знакот Јарец и нејзин природен владетел е Сатурн. Десеттата куќа управува со едниот од родителите, нашиот однос во јавноста, кариерата што може да ја имаме, угледот, славата, достоинството. Вашите деловни и јавни општествени активности се тука прикажани.
Дванаесетта куќа одговара на знакот Риби и нејзин природен владетел е Нептун. Таа ја претставува потсвеста, нашите тајни добри и лоши страни. Ја покажува нашата (не)изолираност, можна да се послужиме со интуицијата. Во лоши аспекти ова е местото на затвори, болници, сите институции од затворен тип.
Доминантна планета е таа која се наоѓа во тесна конјункција со зенитот (почетокот на десеттата куќа). Има големо влијание врз изборот на кариерата и начинот на кој делувате во јавноста.

Е

Елементи. Има четири елементи: оган, вода, воздух и земја. Според тоа, во однос на елементите имаме четири типа на знаци: огнени, водени, воздушни и земјени.
Ефемериди се таблици каде е претставено секојдневното движење на планетите и нивната положба.
Еквидистанца (средишна точка,полусума, полуброј) е средишното место помеѓу две планети. Овој метод се користи во наталната астрологија, посебно во предвидувањата. Со помош на овој метод, се разгледува влијанието на планетите кои се наоѓаат во интеракција со таа точка.
Егзил. Кога една планета се наоѓа во егзил, тогаш таа се наоѓа во знакот спротивен на своето седиште. Планета во егзил редовно покажува негативни дејствија и не може да ја изрази својата вистинска природа.
Единаесетта куќа одговара на знакот Водолија и нејзин природен владетел е Уран. Таа владее со нашите цели и идеали, парите заработени од нашите проекти. Ги покажува нашите пријатели, нашиот однос спрема нив, како склопуваме приајтелства, како и љубовта што ја добиваме од другите...

Ж

Женски знаци (негативни знаци). Поделбата на женски и машки знаци, иако застарен, се уште се користи. Женски знаци се: Бик, Рак, Девица, Шкорпија, Јарец и Риби.

З

Земјени знаци се пресметуваат според елементот Земја. Тие се: Бик, Девица и Јарец.
Западна половина на натална карта претставува областа од почетокот на четвртото до крајот на деветтото поле. Исполнетоста со планети покажува дали имаме влијание врз судбината на другите луѓе и колку сакаме да бидеме во контакт со нив.
Зодијак (хороскоп) е исечокот со дванаесет знаци од еклиптиката. Името го добил по тоа што, заради полесна идентификација, нашите претци на повеќето соѕвездија им дале облик и имиња на животни(Овен, Бик, Шкорпија, итн).

Ѕ

Ѕвезди се небесни тела

И

Интерпретација на натална (или друг тип на астролошки заснована) карта претставува анализа на карактеристиките на соодветна личност, настан и друго, земајќи ги предвид сите правила и особености на астролошката наука. За точна интерпретација на натална карта  потребно е да се знае точното време и место на раѓање.
Инконјункција е еден од шесте главни аспекти. Тоа е меѓусебното растојание на две планети под агол од 150 степени со дозволен орбис (прекорачување) од 5 степени. Таа претставува нашата способност за приспособување, реорганизација или проблеми (психички и физички), предизвикани од неможноста да се промени начинот на однесување.
Источната половина на наталната карта ја претставува областа од почетокот на десетото поле па се до крајот на третото поле. Има врска со начинот на кој ја превземаме судбината во свои раце.

Ј

Јупитер е планета која владее со Стрелецот и како совладетел, со Рибите, во астрологијата. Означува раст, стремеж, проширување и амбиции. Уште владее со среќата, оптимизмот, авторитет, верба... Каде се наоѓа Јупитер таму имаме можност за раст и просперитет.
Јазол (месечев). Месечевиот јазол настанува со пресекување на еклиптиката (патот на сонцето) од страна на Месечината. Имаме северен и јужен месечев јазол.

К

Кадентни куќи (куќи во паѓање) се третата, шестата, деветтата и дванаесеттата. Планетите кои се наоѓаат во овие домови вообичаено се послаби во дејство, освен ако не се природни владетели на куќите (Меркур на трета, итн.)
Кардинални знаци се класифицираат според квалитетот. Имаме четири кардинални знаци: Овен, Рак, Терезија и Јарец.
Конфигурација настанува кога имаме три или повеќе планети кои формираат меѓусебни аспекти и создаваат геометриска фигура. Редовно, личноста во чија карта се наоѓа некоја од конфигурациите, троши време и енергија на куќите и знаците каде се наоѓаат тие планети.
Конјункција е еден од шесте главни аспекти. Се состои од аспект меѓу две и повеќе планети од 0 степени, но со орбис до 7 степени. Дали овој аспект ќе биде позитивен или не, зависи од планетите вклучени. Сепак, во било кој случај, на личноста и дава голема енергија, иницијатива, поттик за активно решавање на сите прашања на начин кој зависи од знакот и куќата каде се наоѓа конјункцијата.
Куќи (домови) настануваат со релативна поделба на еклиптиката на дванаесет сегменти со своја симболика. Распоредот на куќите зависи од местото и времето на раѓањето. Има повеќе методи за пресметување на куќите (Пласидус, Кох, систем на еднакви куќи итн.).
Квадрат е аспект од 90 степени, со дозволен орбис од 5 степени. Означува конфликти, недоразбирања но и вишок на енергија, предизвици, можност за успех со надминување на ограничувањата.
Кулминација. Кога планетата се наоѓа на најголемата можна висина над хоризонтот или под него, се вели дека таа е во кулминација.

М

Машки знаци. Поделбата според машки  и женски знаци, иако застарена, сеуште наоѓа употреба во астрологијата. Машки знаци се: Овен, Близнаци, Лав, Терезија, Стрелец и Водолија.
Месечина, иако е Земјин сателитет, во астрологијата се смета за планета. Владее со знакот Рак. Нејзиното влијание, заедно со она на Сонцето е најважно. Месечината владее со: чувства, емоции, дом, корени, и многу други работи. Важно е да нагласиме дека во машкиот хороскоп го покажува типот на посакуваната сопруга. Каде се наоѓа Месечината во хороскопот имаме најголеми падови и подеми, односно промени, во животот.
Меркур е планета која владее со знаците Близнаци и Девица. Означува начин на комуникација, размислување, лукавост. Ги опишува нашите браќа и сестри, можност за патување, литературен дар итн. Каде се наоѓа Меркур таму ја покажуваме нашата склоност за комуникација и аклиматизирање на најразлични промени.
Марс е планета која владее со Овенот, но и со Шкорпијата (како и Плутон). Марс го покажува нашиот потенцијал за справување со сите неволји, дава енергија, страст, амбиции, сексуален потенцијал, храброст и искреност. Ако е лошо аспектиран, Марс преминува во тиранин, покажува агресивност, насилство, љубомора, садизам и воинственост. Каде се наоѓа Марс во хороскопот, таму најмногу трошиме енергија.
Медиум коели (зенит) е врвот на десеттата куќа, односно, највисоката (најјужната) точка на небото во моментот на вашето раѓање. Го одредува нашиот однос со авторитетите, нашите надредени, кариера, слава, успех. Исто така, дава опис на еден од родителите (вообичаено тој кој не насочува кон јавноста и работата).
Мундана астрологија (или политичка астрологија) го проучува влијанието на планетите врз народите, државите, градовите, и земјите.
Метеоролошка астрологија (астрометеорологија) го проучува влијанието на планетите врз климата.

Н

Натална карта (радикс) е темелна астролошка карта направена според точното раѓање. Сите понатамошни астролошки предвидувања и толкувања се базираат на наталниот хороскоп.
Небески екватор е проекција на Земјиниот екватор на небесната сфера во истата рамнина каде се наоѓа самиот Земјин екватор. Сонцето поминува низ небесниот екватор двапати годишно, со што се создаваат годишните времиња.
Небесни полови. Орбитата на Земјата околу Сонцето изнесува 365,25 дена (ден овде претставува едно вртење на Земјата околу својата оска). Земјината оска на ротација, наклонета за 23,5 степени кон половите на еклиптиката, ги определува правците за северниот и јужниот небесен пол. Ѕвездата Поларис моментални ни го покажува правецот на северниот небесен пол.
Небесна сфера. Замислена сфера, со замислен центар во центарот на Зенјата, каде се проектирани планетите, констелациите и зодијакот.
Негативни знаци (види женски знаци)
Надир (види имум коели)
Нептун е планета која владее со Рибите во астрологијата. Редовно, во астролошката карта каде се наоѓа Нептун, тоа место е исполнето со илузија, лага, измама. Но, Нептун може да овозможи и голема интуиција, фантазија, креативност и сочувствителност. Владее со наркотичките средства, водата, нафтата... Каде се наоѓа Нептун во хороскопот, таму сме најмногу подложни на измами и илузии.

О

Огнени знаци се пресметуваат според елементот оган. Тие се: Овен, Лав и Стрелец.
Осмата куќа одговара на знакот Шкорпија и нејзини природни владетели се Плутон, и Марс, како совладетел.
Опозиција е аспект од 180 степени, со дозволен орбис од 7 степени. Опозицијата претставува поттик да ги дознаеме другите и да ги прифатиме такви како што се, со големи отстапки. Може да означува голем конфликт со луѓето, но и во самата личност.
Орбис е дозволеното растојание (пречекорување) кое е дозволено, за да речеме дека две планети се наоѓаат во аспект.

П

Променливи знаци се определуваат според променливиот (модален) квалитет. Тие се: Близнаци, Девица, Стрелец и Риби. Се одликуваат со поголема приспособливост, но и непостојаност.
Првата куќа одговара на знакот Овен и нејзин природен владетел е планетата Марс. Го покажува вашиот карактер, личност, природни склоности, начин на кој реагирате на надворешните дразби. Оваа куќа е најважна и планетите кои се наоѓаат во неа, во многу, влијаат на вашиот живот.
Петтата куќа одговара на знакот Лав и нејзин природен владетел е Сонцето. Петтата куќа владее со начинот на кој ја давате својата љубов, вашиот креативен потенцијал и мотивација. Уште владее со деца, забава, секс, коцка, хоби...
Позитивни знаци (види машки знаци)
Планети. Сончевиот систем се состои од Сонцето (кој всушност е ѕвезда), околу кого се движат девет планети: Меркур, Венера, Земја, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон. Но, во астрологијата планети се нарекуваат и Сонцето и Месечината, значи една ѕвезда и природниот Земјин сателит. Земјата не се зема предвид, и со тоа, во астрологијата постојат десет планети: Сонце, Месечина, Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон.
Планетоиди. Помеѓу патеките на Марс и Јупитер се наоѓа планетоиден и астероиден појас. Во него се наоѓаат неколку илјади  помали или поголеми небески тела. Има и други појаси планетоиди кои кружат  според патеки кои се наоѓаат подалеку во космосот. Најпознатиот астероид, кој се користи во астрологијата, е Кирон.
Прогресии (примарни дирекции) е уште еден метод на астролошко предвидување.
Плутон е планета која во астрологијата владее со Шкорпијата. Означува таинственост, способност за метаморфоза, мистериозност. Каде се наоѓа Плутон, таму сакате сами да ги разрешите проблемите.
Празна куќа се јавува кога во некое од куќите во хороскопот немаме планета (имаме десет планети а дванасет куќи!). Тогаш, од големо значење за анализа на тоа поле е владетелот на таа куќа, знакот и куќата во кој се наоѓа тој, аспектите кои ги формира итн.
Прецесија е спорото движење на Земјината оска. Тоа е предизвикано од меѓусебното влијание на привлечните сили на Сонцето и Месечината на Земјиниот екватор.
Природен хороскоп е хороскоп каде сите куќи се со еднаква должина, од 30°,и се поклопуваат со знаците на Зодијакот.
Привидно движење. Речиси целокупното движење на планетите, на кои се базира астрологијата, е привидно, поради тоа што релевантна точка на набљудување е Земјата.
Пролетна точка е точка на небото каде се пресекуваат еклиптиката и небескиот екватор. Таа одговара на првиот степен на знакот Овен.

Р

Ретроградно движење е привидно движење на планетите наназад. Тоа настанува поради различната брзина на движењето на Земјата и другите планети. Запомнете дека само Сонцето и Месечината не можат да бидат во ретроградно движење.
Радикс (натален хороскоп) е темелна астролошка карта направена според точното раѓање. Сите понатамошни астролошки предвидувања и толкувања се базираат на наталниот хороскоп.
Рецепција е однос на две планети каде и двете се наоѓаат во седиштето на другата (пр. Марс се наоѓа во Терезија а Венера во Овен).

С

Сонцето е најсветлата точка на нашето небо и иако претставува ѕвезда, сепак во астрологијата заради поедноставување се смета за планета. Сонцето владее со знакот Лав. Како најважна планета, владее со здравјето, виталноста, љубовта, гордоста, авторитет, успех итн. Каде се наоѓа Сонцето во нашиот хороскоп, таму сакаме да блеснеме.
Светла е термин со кој се означуваат Сонцето и Месечината, затоа што гледано од Земјата, со својата светлост, се најсветлите небески тела.
Седиште е термин кој се користи за планета која се наоѓа во знакот со кој владее. На пример, ако Нептун се наоѓа во Риби, можеме да кажеме дека таа планета се наоѓа во своето седиште.
Сатурн е планета која во астрологијат владее со знакот Јарец. Означува препреки, стравови, психолошки проблеми, самотија, депресија. Но, истовремено, таа е планета учител која вели дека само преку откажувања ќе ја достигнеме целта. Каде се наоѓа Сатурн во хороскопот, таму е местото каде низ целиот живот ќе не следат проблеми.
Солстициј е највисоката или најниската положба на Сонцето на еклиптиката во однос на Земјениот екватор. Во текот на годината има два солстиција. Зимскиот настапува за време на влегувањето на Сонцето во знакот Јарец и то е почетокот на календарската зима. Летниот солстициј настапува со влегувањето на Сонцето во знакот Рак и со тоа е означен почетокот на летото.
Стелиум е меѓусебна конјункција на три или повеќе планети. Посебно е активна ако се најде во иста куќа или знак. Означува сила, моќ, иницијатива; многу од активностите на личноста ќе се фокусираат на ова поле, преку знакот ипланетите кои се вклучени.
Синастрија  (споредбена астрологија) е споредување на две карти од љубовни, бизнис или други причини. Преку анализирањето на взаемните аспекти на планетите од двете карти се добива до заклучок дали две личности на хармоничен или конфликтен начин ќе стапат во контакт.
Секстил е агол од 60 степени кои го формираат две планети, со дозволен орбис од 5 степени. Тој означува љубезност, можност за напредок, леснотија во разбирање и пријатно однесување.
Седмата куќа одговара на знакот Терезија и нејзин природен владетел е планетата Венера.
Стационарна положба. Во таква положба се наоѓа планета која пред да почне да се движи ретроградно, се чини, за некое време, дека не се движи; исто така, планета во стационарна положба имаме и во спротивниот случај. Имено, кога една планета ќе престане да се движи ретроградно, пред да тргне во директен од, таа повторно се наоѓа во мирување т.е. стационарна положба. Оваа појава е од посебно значење при одредубање на важни настани.
Секундарни прогресии е метод кој се користи за астролошки предвидувања. Таквиот хороскоп се нарекува и прогресивен хороскоп. Тој се темели на поистоветување на секој ден од раќањето со една година од животот.
Соларен хороскоп е хороскоп кој се изработува и делува за периодот помеѓу два родендена. Тој се пресметува за точно истата положба на Сонцето како и за време на раѓањето. Уште се вика и хороскоп на соларнато враќање. Распоредот на куќите се пресметуваат врз основа на местото каде се наоѓаме за време на нашиот роденден.
Спори планети се планети чии патеки на движење се наоѓаат по таа на Марс; станува збор за Јупитер, Саатурн, Уран, Нептун и Плутон. Времето на нивното поминување околу Сонцето, како и низ дванаесетте знаци од хороскопот се мери со години и оттаму се нарекуваат спори.
Средишна точка (полусума, полуброј или еквидистанца) се средишните места помеѓу две планети. Овој метод се користи во наталната астрологија, посебно во предвидувањата. Со помош на овој метод, се разгледува влијанието на планетите кои се наоѓаат во интеракција со таа точка.
Сепарација настанува кога една планета, се одделува од точниот аспект со друга планета (се движи побрзо). Делува послабо од апликациониот аспект.
Степен. Бидејќи Зодијакот е замислена кружница на небото, освен на дванаесет знаци, се дели и на 360 исечоци кои се нарекуваат степени. Положбата на планетите, врвовите на куќите и другите важни точки во хороскопот, се изразуваат со степени.
Сукцесивни куќи (куќи кои следат) се втората, петтата, осмата и единаесеттата. Луѓето чии сукцесивни куќи се исполнети со планети се стабилни со јасни цели во животот, но посебно насочени кон материјални работи.

Т

Тригон е агол од 120 степени кои го зафаќаат две или повеќе планети, со дозволен орбис од 7 степени. Означува леснотија во исполнување на целите, хармонија, мир, весел дух. Но, ако се користи негативно, укажува на индолентност и мрзливост.
Транзит е движењето на планетите низ еклиптиката и знаковите на Зодијакот.
Т-квадрат  е конфигурација која се состои од 3 планети кои склучуваат два квадрата и една опозиција. Затоа, според нејзиниот изглед на буквата Т, таа го добила и својот изглед. Ова е една многу динамична, силна но и проблематична конфигурација затоа што укажува на голема енергија која тешко се контролира и насочува. Постојат кардинален, фиксен и променлив Т-квадрат.
Третата куќа одговара на знакот Близнаци и нејзин природен владетел е Меркур. Означува кратки патувања, начин на комуникација, браќа и сестри, рано детство, превозни средства. Посебно означува  способност за говор, пишување и писменост.

Ф

Фиксни знаци се пресметуваат според фиксниот квалитет. Тие се: Бик, Лав, Шкорпија и Водолија

Х

Хороскоп. Зборот хороскоп на латински означува некој што го мери времето. Тоа е всушност сликата на небото во моментот на нечие раѓање (натален хороскоп), иако има и безброј други видови на хороскопи кои се поврзани со животни, настани, политика итн.

Ч

Четвртата куќа одговара на знакот Рак и нејзин природен владетел е Месечината. Означува дом, нашите корени и местото каде ќе го завршиме животот. Го покажува и едниот родител (посебно тој кој е повеќе насочен кон домот). Владее со недвижнини, патриотизмот, потеклото и др.

У

Уран е планета која во астрологијата владее со знакот Водолија. Тој означува се што е ново, прогресивно, необично. Дава висока интелегенција која понекогаш се граничи со генијалност а некогаш со лудило. Каде се наоѓа Уран во хороскопот, таму се случуваат неочекувани настани.

Ш

Шестата куќа одговара на знакот Девица и нејзин природен владетел е Меркур. Шестата куќа означува работи поврзани пред се со работата и здравјето. Означува секојдневни навики, соработка со подредените или колегите, како и хигиената и исхраната.  Исто така ги покажува и вашите подалечни роднини.
Copyright © 2003 WWW.HOROSKOP.COM.MK.