Астрологијата е стара колку човештвото! Археолозите пред неколку години открија коска од животно каде беа видливи знаци, кои непогрешливо ги прикажуваат фазите на Месечината. И немаше да биде толку чудно, ако подоцна, не се утврди дека коската е стара околу 30 000 години!

Големиот камен круг во Стоунхенџ, Англија, се смета за сложена астрономска опсерваторија со што се потврдува интересот на праисторискиот човек за небото. Во древните култури на Азија, Европа и Америка, луѓето изградиле големи кули за набљудување, опсерватории, од каде свештениците го барале небесниот клуч за разрешување на човечката судбина.

Но, во форма каква што ни е денес достапна, астрологијата се развила во сувата и безоблачна клима во Месопотамија. Пред  околу 5 000 години свештениците од Вавилон веќе ги изучуваат ѕвездите и им даваат имиња. Во почетокот на 8 век п.н.е. тие го измислиле зодијакот и дванаесетте знака, кои и денес се добро познати. Тие ги дефинирале добрите и лошите особини на планетите, како и аспектите (аглите) кои ги образуваат планетите.

Од легендарниот Вавилон астрологијата се распространила во Египет. Некои египетски фараони ги украсуваат гробниците со астролошки симболи, но вистинска плодна почва за поширокиот слој луѓе, астрологијата наоѓа во грчките градови држави.

Грците ги поистоветиле Сонцето, Месечината и другите планети со свои богови и божици. На пример, планетата Венера се поврзува со Афродита, божица на љубовта, а Јупитер се поистоветува со Зевс, царот на боговите. Грците ги претвораат планетите во личности и ги обединуваат практичните методи на вавилонските астролози со филозофијата на големите мислители; на тој начин се дава една поширока хуманистичка димензија на астрологијата. Веќе во древна Грција во мода се наталните хороскопи.

Поради големиот интерес, во 280 година пр.н.е, еден вавилонски астролог основа астролошка школа на грчкиот остров Кос. По само неколку години потоа, на сцена се појавуваат голем број популарни прирачници. Најважен меѓу нив е Тетрабиблос, напишан за време на 2 век пр.н.е. од Клаудиј Птоломеј од Александрија, најголемиот астроном од  пр.н.е.

Каталозите и ѕвездените атласи на Птоломеј се ненадминати по точност се до 17 век, додека неговата книга е можеби највлијателниот учебник за астрологијата кој некогаш бил издаден. Во Тетрабиблос се вклучени најважните гледишта за астрологијата на неговите современици и претходници, формулирање на основата на современата астрологија и опис како да се состави натален хороскоп.

За и по времето на Птоломеј веќе завладеал голем интерес за астрологијата помеѓу луѓето во Римската империја. Богати и сиромашни, слободни и робови, ја согледуваат нејзината вистинитост и ги изучуваат основните елементи. Но, главни противници на астрологијата во античкиот свет биле ранохристијаните. Со распространувањето на христијанството, со признавањето на христијанството како официјална религија во Римската империја, астрологија паѓа во немилост. Со распадот на Римското царство, од 410 година, кога Рим е заземен од Варварите, во западниот дел од империјата останале многу малку астролози. По неколку децении астрологијата е заборавена.

Но во Византија, односно источниот дел на империјата, астролошкото учење закрепнува и е усвоено од Арабите. Арапските жреци ја проучуваат астрологијата паралелно со астрономијата. Тие додаваат и некои свои елементи и придаваат големо значење на движењето на Месечината во хороскопите.

Низ 12 век европските учени повторно ја откриваат астрологијата преку латинските преводи на арапските астролошки текстови. Во почетокот на 16 век астрологијата одново се претвора во општопризнат чинител во културата и образованието на сите едуцирани луѓе. Големите астрономи на 16 и почетокот на 17 век, како Јохан Кеплер, се едни од нејзините приврзаници и редовно составуваат хороскопи како дел од своите научни активности. Секој крал или принц имал свој дворски астролог, кој бил советуван за најважните прашања по однос на државата. Познати се, од тогаш, многу познати астролози кои неверојатно точно ги предвидувале настаните што ќе се случат во иднината.

  Ќе наведеме неколку примери:

Вилијам Лили, астролог од 17 век, 15 години пред големиот пожар во Лондон, ја предвидел чумата што Ќе го нападне градот како и пожарот кој речиси целосно го опожарил денешниот главен град на Англија. По овие настани, Лили дури бил осомничен како еден од предизвикувачите на чумата и пожарот!

Доаѓаме и во поново време и до преродбата на астрологијата во Европа. Во почетокот на 20 век, Алан Лео, член на Англиското теозофско друштво, со своите книги и посебно со астролошкото списание кое било наменето за пошироките маси, помогнал многу за обновата на астрологијата на стариот континент.

Од Америка, во овој период вреди да се спомене Евангелина Адамс, која стекнала голема слава како астролог со своите точни предвидувања. Нејзини клиенти биле видни политичари, холивудски ѕвезди, кралски личности и финансиски магнети. За време на 30-тите години од минатиот век таа води една многу популарна емисија на радио и веќе имала по 4000 прашања дневно од нејзините слушатели.

Во пред-нацистичка Германија се појавува името на Елзбет Ебертин. Таа е позната по едно свое неверојатно прецизно предвидувањекое го дала во 1923 по барање на една читателка: “Еден енергичен човек, роден на 20 април 1889 година, со Сонце на 29 степен во Овен, може да се изложи на опасност со своите непромислени постапки, со кои ќе предизвика неконтролирана криза. Во идните битки тој е преодреден да ја има улогата на фирер...”. Човекот за кого зборувала таа, човекот што бил роден на 20 април 1889, не е никој друг туку Адолф Хитлер. За време на месец ноември 1923, четири месеца  по своите предвидувања, Германија е потресена од неуспешниот преврат во Минхен, со кој Хитлер, за тоа време релативно непознат политички авантурист, се обидува со сила да го смени германскиот законик. Ебертс го опишува и начинот на Хитлеровата смрт...

По втората светска војна, астрологијата доживува вистински бум. Денес во цел свет постојат ќколи, институти, колеџи, факултети кои сеопфатно ја изучуваат астрологијата и нудат најразлични курсеви за здобивање со диплома на професионален астролог. Астрологијата секогаш, па и денес има свои критичари - и денес многумина веднаш би се насмеале и би ја отфрлиле како смеса на филозофии на кои се потпираат лекомислените и суеверните. Самите професионални астролози признаваат некои недоследности во нивната пракса кои тешко може да бидат објаснети. Но, и покрај тоа, тие се убедени дека астрологијата се заснова на вистината и може да изигра голема улога при помагањето на луѓето да се разберат подобро самите себе и своето место во Космосот.

Затоа, ви се обраќаме на сите вас, заљубеници во астрологијата, скептици и рамнодушни, погледнете во длабоката ризница на астрологијата, на Колективното Несвесно, на човечкото духовно наследство, и дознајте повеќе за себе си и луѓето што ве опкружуваат.

Уредник: Глигор Михаиловски