Интервју со:

 

Нора Шакири

Во “Алегорична приказна”, рубрика која сеуште може да ја прочитате на www.horoskop.com.mk, ќе најдете дека Близнаците имаат мисија дадена од Бога да поставуваат безброј прашања, од секаков вид и форма. Но, Бог, се вели, не ги обдарил со трпение и длабочина да ги осознаат самите одговори. Да видиме дали е тоа случајот со познатата водителка, Нора Шакири.

Најпрвин да го поминеме куртоазниот сегмент, кога www.horoskop.com.mk и поставува прашања на Нора, а таа се труди “најсериозно” да одговори.

ХОРОСКОП   Која е Нора Шакири приватно? Кои се твоите мани а кои се твоите доблести?
Нора:   Па, сигурно имам. Не, многу сум добра. Доблести ми се: искреност, зборливост...
ХОРОСКОП   Каде студираш? Дали ти одговара катедрата?
Нора:   Студент сум на Филозофскиот факултет. Катедра-една дрвена! Сакам социологија бидејќи ова што го работам е комуникација со луѓе.
ХОРОСКОП   Дали веруваш во астрологија? Суеверна си или не?
Нора:   Сум.
ХОРОСКОП   Колку знаеш за Близнаците?
Нора:   Имаат свој темперамент и се најубави во Зодијакот!
ХОРОСКОП   Најзначаен момент во твојот живот?
Нора:   Сегашниот. И други: исполнувањето на сонот на Бени  (з. братот на Нора Шакири, Бени од “Нон-Стоп”), Телма телевизија и факултетот.
ХОРОСКОП   Плави или црни дечки?
Нора:   Црни.
ХОРОСКОП   Знаеш дека за Близнаците се вели дека секогаш доцнат на состанок. Што велиш ти на тоа?
Нора:   Секогаш сум на време!
ХОРОСКОП   Пријатели или дечко?
Нора:   Пријатели!
ХОРОСКОП   Чувства или разум?
Нора:   На прво место разум, но не велам дека некогаш не сум се водела од чувствата.
ХОРОСКОП   Цел во животот?
Нора:   Да станам успешен новинар и за три години да дипломирам!

   Нора Шакири е родена на 24 мај 1982 година, 11.30 часот после пладне, кога Сонцето транзитирало на почетните степени во знакот на Близнаците. Нејзината досегашна кариера, објаснета со астролошки факти покажува интелектуално инспирирана современа девојка, која точно знае што сака и што може да направи. Нема да останеме покуси и за нејзината емотивна природа како и останатите психофизички елементи кои го сочинуваат битието на еден човек.

   Како и секогаш, ви го прикажуваме тројниот циклус на анализа (за редовните посетители и веќе познат), кој претставува само еден можен начин на астролошко објаснување; постојат безброј варијации.

   Започнуваме со општата анализа. Најпрвин ќе побараме индикација за соодветното присуство на елементи и квалитети. Тоа што остава важен впечаток и дава индиции за егзактна експлорација на карактерот е присуството на шест планети плус Асцендентот во воздушни знаци, како и отсуството на планети во земјени знаци.

   Со тоа се укажува на важноста од интелектуално разбирање, комуникација и асоцијација со луѓето. Отсуството на планети во земјени знаци покажува можност за одредена нестабилност, неможност за реално согледување на нештата па и финансиска неодржливост. Вообичаено, кај овие личности се забележува појава на манипулирање со ставовите, своите и туѓите, преземање на многу иницијативи но без нивно завршување. Неможност за задржување на едно место, со едни исти луѓе, со едни исти мисли. За среќа, фиксниот подзнак тоа малку ќе го ублажи (но со оглед на тоа дека Асцендентот се наоѓа во Водолија, проблеми ќе постојат!)

   Во животот на различни начини ќе се обидува да ја почувствува “земјата”, да ги вообличи во трајна форма работите кои ги посакува. Дали ќе успее во тоа? Променливиот квалитет е истакнат, што дава добра можност за успешна соработка и хармонија во односот со другите луѓе, но повторно (не)стабилноста е клучното прашање!

   Насочена е кон другите луѓе, има потреба од разновиден контакт, кој ја потцртува важноста од разноликост и возбуда. Објективноста е во преден план.

   Меркур, владетелот на хороскопот е во свое седиште, Близнаци, со што се истакнуваат сите наброени особини за тој воздушен знак. Венера и Марс се во наизглед чуден меѓусебен егзил, односно во седиштето на спротивните знаци. Како тоа ќе се манифестира ќе видиме подоцна, кога ќе стане збор за љубовните аспекти.

   Сатурн е во знакот на својата егзалтација, Терезија, со што ќе има значително влијание врз потребата од организирање и детален пристап кон нештата (вообичаено, слабо изразена кај Близнаците!)

   Меркур и Сатурн, всушност, се наоѓаат и во голем тригон со Асцендентот. Со тоа се обидуваат да ме демантираат во тврдењето за непостојаноста и нестабилноста. Ова е една од двете важни конфигурации во наталната карта на Нора, која често се јавува кај лица кои работат (успешно) со јавноста. Меркур во Близнаци во тригон со Сатурн во Терезија и тригон со подзнакот, дава атабилизирање на умот, потреба од класифицирање на работите и трезвено размислување. Тоа е потврдено и од истоветното активирање на домовите на завршетоци со што мислата се кондензира, се вообличува и искажува во перфектна форма. Затоа, извинувања до Нора!

   Но, тоа не значи дека вашиот астролог не е во право. Напротив, во сите останати области од животот, љубов, семејство, здравје, приајатели, итн., ќе се случат промени иницирани или како резултат на нејзините желби и потреби.

   Недостасува аспект на конјункција кој вообичаено ја има улогата на фокус; таму се насочуваат повеќе  иницијативи. Но, затоа тука е конјункцијата на Уран со Зенитот која јасно ја покажува нејзината најголема желба: успех на полето на кариерата и здобивање со целосна независност. Отсуството на конјункција може да се рефлектира на преголеми ангажмани на повеќе полиња, но затоа Сатурн ќе биде коректорот во овој случај, и неговите транзити ќе донесат поголема концентрација.

   Подсигнатурата не потсеќа дека не е се како што изгледа; таа е означена со знакот на Скорпија! Со тоа се потврдува тезата дека не станува збор за неодговорен претставник на Близнаците туку човек кој ќе се стреми да ги дознае и одговорите!

   Го завршуваме првиот круг на анализа со конечната идентификација на моделот на наталната карта кој се разоткрива пред нашите и вашите очи. Погледнете ја нејзината карта: сите планети се распоредени во исечок од 280 степени и со тоа се формира моделот локомотива кој е еден од најсилните модели. Се јавува и кај Ернест Хемингвеј (во иднина ќе биде прикажана и неговата натална карта). Планетата која ја “предводи локомотивата”, во овој случај Нептун, неочекувано ќе биде меѓу главните чинители на успехот и неуспехот.

 

Нептун е планета која секогаш е на видно место кај познатите личности, што се објаснува со нејзиното владеење со филмот, телевизијата но и скриените силни непријатели! Каде оди вагонот на Нора, релативно лесно ќе препознаеме со неговото придвижување по принципот еден степен=една година. Но, тука немаме време за објаснување на предиктивната астрологија.

Конечната сигнатура се наоѓа во Близнаци со што се истакнува нејзината силна мисловна конструкција, потреба од движење (физичко и филозофско), потенцираната способност за пренесување идеи и добивање фидбек, забавувач и естета; но, таа е и нешто повеќе: чувствува потреба од истакнување, ослободување од стегите на конзервативното, сака рамноправна и либерална љубов. Нора Шакири.

Се сеќавате што претставуваше Сонцето во наталната карта? Срце на секоја анализа, нашето Его, желбата за докажување, нашата овоземска мисија. Мисијата на Близнаците ја запознавте, но секој човек е различен. Па така и Близнаците се родени во различен ден, месец, година. Старите велат: “Секоја минута си носи себе нешто ново”. Па така е и уникатна наталната карта, личноста на Нора Шакири.

Сонце во Близнаци. Дар за пренесување идеи, променливост, нестабилност и многу други нешта. Што од ова е точно? Сонцето е во декадата на Близнаците, но во дванаесетината на Ракот! На црно белата сликата додаваме  и црвена, емотивна нијанса, потреба и љубов кон домот, семејството, најблиските.

    Сеуште не е доволно јасна сликата. Каде повеќе ќе ги користи емоциите а каде интелектот?

   Сонце во опозиција со Уран е егзактен аспект. Влијае на умниот апарат, дава големи амбиции но и бунтовност, несекојдневност, ослободување од конвенционалноста. Гениите се родени под овој аспект. Тој дава визија и храброст, но не нуди трпеливост и стабилност. Силен интелект, експресно разбирање на поставеноста на работите.

   Сонцето во четврта куќа покажува дека е патриот и родољуб, ги сака своите корени, но исчистени од непотребност, од предрасуди и претпоставки. Иако за себе вели дека не е заинтересирана за ништо друго освен за водителството и новинарството, ѕвездите друго ветуваат. Слава и успех во подоцнежните години. Но, потребно и е многу концентрација. Поверојатно е да биде активирана во некоја организација, можеби политика или социјална служба (хуманитарна организација).

   Сонце во тригон со Марс е одличен аспект кога е потребно многу сила и енергија за да се успее. Егото (Сонцето) добива на моќ (Марс). Иако е ова машки аспект, во женската карта ја засилува независноста (клучен збор), никогаш да не се предаде. Агресивна и без влакна на јазикот сепа можни се многу конфликти со партнерот и лица од јавноста. И без било каква хипотека и поддршка, во можност е да успее користејќи се со својот необичен шарм кој не прави отстапки туку таа ќе ве натера да ја промените страната и да и се приклучите!

   Овој аспект ветува добри односи со машкиот пол; веројатно што во нашата средина сеуште владее конзервативниот елемент кај женскиот пол, како и љубомората. Се надевам дека машкиот пол и е поважен.

   Сонце во инконјункција со Јупитер. Бидејќи се обидуваме да не навлегуваме во претерани детали на астролошката анализа, досега не го споменавме важниот аспект на инконјункција. Тоа е аспект од 150 степени помеѓу две планети (ретко се зема фокусна точка или агол во прашање). Аспектот носи многу енергија која бара приспособување, аклиматизација од личноста во новите околности. Едноставно, флексибилните лица ова може да го изразат лесно менувајќи ги своите ставови и метарморфоза. Овој аспект дава голем но често и лажен оптимизам. “Лажен” во смисла што во него се вклучуваат повеќе луѓе, но зад тој оптимизам често стои несигурност и недоработеност на идеалите. Целите и амбициите се веројатно на прво место кога ќе стане збор за можните промени. Ако се реши да остане (пре)многу цврсто на своите ставови, тогаш на мета ќе биде нејзиното здравство, посебно проблеми со нервниот систем и репродуктивните органи.

   Сонцето го прави најточниот аспект со Зенитот, опозиција, кој покрај тоа што дава многу елан, борбеност и спремност за разум, сепак претполага и конфликти со надредените, недоразбирање со најблиските и во една важна точка од животот потреба од избор: дом или кариера.

   Месечина. Сите знаете што таа претставува: внатрешноста, потребата од сигурност, лично поврзување и магнетизам. Месечината се наоѓа во истиот знак како и Сонцето, Близнаци. Емоциите мораат да поминат низ филтерот на ладните размислувања, треба да ги задоволат потребите од возбуда а по потреба може и да се премислат. Без големи потреси?

   Во декадата на Водолијата љубовта е за сите и секого, без разлика на некоја нивна припадност. Посебен акцент дава на потребата од пријатели и дружење. Но, трезвената Месечина прави 5 аспекти со романтичната планета Венера, Нептун и други. Со тоа, како и неколку други елементи, се истакнува и сензитивната црта на Нора, која наоѓа израз во контактите со одбрани личности.

    Месечината е во дванаесетината на Бикот, односно таа е и хедонистички тип на девојка, која ужива во земните задоволства, со упорност и тврдоглавост. Во 5 поле Месечината укажува дека љубовните односи се од голема важност, но тоа е местото и на најголемите падови и подеми. Ставовите по однос на начинот на кој ќе ја дава својата љубов се дефинирани и не дозволува големи промени. Водолија, Бик се од фиксниот квалитет и претполагаат стоење на цврсти, индивидуални ставови. Месечината во секстил со Венера дава добри контакти со поширокиот слој на луѓето; впечатливост, шарм и популарност.

   Месечината во квадрат со Марс покажува и делумно кои би биле причините за расправија со партнерите: агресивност и своеглавост. Колку и да ги држи “во шише” емоциите, тие се силни, длабоки и искрени (Месечината во тригон со Плутон). Понекогаш е цел на измами, одбивање и илузии (Месечината во опозиција со Нептун). Богата фантазија и креативност се само дел од нештата што таа ги поседува и што се потребни во кариерата. Често тоа се посакуваните атрибути и од страна на машкиот пол.

   Слободоумна и пријателски расположена, не ги гледа класните разлики туку на единката пристапува со искреност и филозофски поглед. Вели дека “не ги цени комплиментите” а зависи од добрата слика што ќе ја прикаже на публиката. “Знам дека често сум копирана во однос на модниот стил” а мрази да биде поистоветувана со останатите (познати) празни глави. Необичен спој на единственост и уникатност, славата и е загарантирана. Но, ние навлеговме (и несакајќи), во третиот елемент од вториот циклус на анализата: Асцендентот.

   Подзнакот се наоѓа во Водолија. Ја гледаат своеглава, се обидуваат да ја вкалемат; дали успеваат? Само така мислат. Интелектуалниот поход кон животот (Уран, владетел на подзнакот, во 9 поле), го чини сопственикот на овој подзнак привлечен и визионер. Но и премногу обличен и безобличен, спремна за забави и социјални настани, наизглед со емотивно дистанцирање и ладна? Се среќава со познати личности но и луѓе премногу “полни со себе”. Се прашувам како ги нарекува? Помпезни, егоцентрични, себични? Луѓето од авторитет ја ценат нејзината црта на независност; со помош на зборовите знае да придобие, освои но секогаш се намера за рамноправност и фер игра.

   Со текот на годините може да омекнува. Тој процес е започнат уште од 17 година (прогресивниот подзнак сега се наоѓа во Риби!). Главниот пресврт сепак, треба да го очекува околу 26 година од животот кога емоциите ќе дојдат во преден план и љубовниот сегмент ќе биде најважен.

  

   Третиот круг на анализа покажува можности за конкретни, позитивни и негативни случувања во различните области од животот.

  

   Првото поле е многу големо; започнува на 12 степен во Водолија, го опфаќа алтруистичкиот знак на Рибите и завршува на почетокот од Овенот. Важноста на големите полиња е посебно овде нагласена, преку укажување на оската Асцендент-Десцендент (Јас-Ти/Тие). Ако Уран е владетелот на асцендентната оска и ги покажува најточните особини на Нора, не треба да го заборавиме ниту Нептун, како следна планета со личните карактеристики. Но, зборот “личен” во контакт со надворешните планети секогаш покажува на невобичаени атрибути, бунтовни реакции, длабоки и неразбирливи емоции и потреби.

  

   Уран во Стрелец во 9 поле, а всушност точно на Зенитот. Највисоката точка на јужнота сфера. Медиум коели или почетокот на 10 поле. Значи, Стрелецот ќе ја преземе раководната функција при определувањето на карактеристиките на Нора. Јасна е потребата од блесок, присуство во медиуми, но и задоволување на Егото, кое бара далечини, силни идеали. Филозофски ориентирана, го бара семантичкото, вредното, заедничкото. Се дружи со сите кои се способни да ја разберат нејзината потреба од разменување мисли.

  

   Но, некогаш и е потребна чиста забава, без размуслувања за вчера или утре!

  

   Уран во контакт со Сонцето го објаснивме, важи истото, само неколку пати засилено! Позитивниот контакт со Марс ја прави амбициозна, упорна, способна за организација и раководење, со брзо разбирање и пресекување на работите. Но, Марс во Терезија, не е толку насилен колку аргументативен. Зборовите се нејзиното оружје; но тие се посилни од се друго!

  

   Следи полето на финансиите. Започнува во Овен, а владетелот, Марс е во Терезија. Презема секаква иницијатива и не штеди енергија кога станува збор за заработување. Ставовите и се такви какви што и се, нејзини, свои и сака да ги продава. Работи јавна професија, многу видливо: владетел на 2 во 7 поле, па и во Терезија.  Парите доаѓаат но и многу лесно заминуваат. Да внимава кога склучува финансиски договори; може да се обидат да и продадат погрешни работи.

  

   Венера во Овен во 2 поле. Дали ќе признае дека сака да ужива во парите. Можеби не се “бања” во нив, но сака добро да заработува. Како: Венера доаѓа од 3 поле на комуникација но и 8 поле на поддршка. Венера во тригон со Нептун во 11 поле. И пријателите и помагаат. Тие потекнуваат од различни националности или културна припадност. Често се уметници (Нептун). Ако патува во странство да внимава да не троши премногу. Пари, дал Господ ќе има. Но, дали тие се најважни?

  

   Трето поле го претставува начинот на кој комуницираме со другите луѓе, брат или сестра, најблиските, превозни средства, телефонски разговори... Но и раното детство. Во Бик, имала тенденција на мрзеливост но ја “вадел” владетелот во Овен. Владетел на 3 во 2 поле; уште од мала возраст ги стекнува своите принципи и почнува релативно млада да заработува. Повторно ме демантира во однос на стабилноста: Бик во 3 поле укажува на споро искажување во однос на брзоплетите Близнаци: токму тоа што и треба. Сепак, Близнаците се посилни тука!

  

   Нејзиниот брат, познатиот Бени од “Нон-стоп”, го гледа во знакот на Бик, односно: упорен, издржлив, планира, реален но и агресивен, слободоумен и искрен. Владетел на 3 во 2 поле, и помага во однос на финансиската ситуација. Венера во тригон со Нептун. Хармонија. Нептун е локомотивата која ја придвижува.

  

   Сонцето и Меркур, двете планети на комуникација, се наоѓаат во Близнаците, во 4 поле. Тоа е домот, семејството, корените, длабоки чувства и крај на животот. Тоа е поле на едниот родител, кој се грижи за семејството, во однос на домаќинските работи (вообичаено тоа е мајката!). Какви се односите со семејството? Во семејството владеала либерална атмосфера, иако домот често бил место на посета на пријатели и роднини. Големиот тригон токму тука паѓа; одличен однос со тој родител (Меркур во тригон со Асцендентот). Со другиот, навистина цврста поврзаност, многу е научено од него (или неа): Уран во конјункција со зенитот. Сепак, со тој родител можни се и големи разлики во размислувањето и делувањето.

  

   5 поле е поле на љубов. Почетокот паѓа во знакот на Близнаци и веднаш реагираме: интелектуалниот фокус е највлијателен во начинот на искажување на љубовта. Месечината таму покажува дека се можни промени.

  

   Месечината во квадрат со Марс во Терезија, покажува ненадејни љубовни врски често базирани на страст но и реална опасност од брзо прекинување на истите. Многу често љубовта ќе ја поврзува со работното место. Од една страна сета своја креативна енергија ќе ја пружа таму, но многу често тоа ќе биде арена на емотивни контакти со личности од спротивниот пол.

  

   Т-квадратот е веројатно најсилна конфигурација во сите натални карти. Значи, покрај големиот тригон забележуваме друг силен аспект, констелација која најчесто се јавува кај познати личности.

  

   Љубовта и љубовните односи се често проследени со недоразбирање и конфликти. Илузии во однос на тоа како треба да изгледа нејзиниот идеален партнер.

  

   Пријатна и духовита, но на моменти и експлозивна и агресивна. Авантуриста на полето на љубовните односи.

  

   Каков тип на работа ќе извршува ни покажува 6 поле. Тоа е и област која ни покажува и навики, здравје, соработници, храна, миленичиња, итн. Сместено е на средината од Ракот. Иако во него немаме планета, сепак ќе забележиме дека владетелот Месечината е дел од големиот Т-квадрат, во Близнаци. Рак-Близнаци комбинацијата укажува на јавна професија, работа со луѓе и комуникација (Близнаци) и социјална работа (Нора, видовте на почетокот, студира социологија!).

  

   Владетелот Месечина се наоѓа во 5 поле што ја потврдува љубовта кон својата професија. А дека енергично ќе ја извршува истата, потврда добиваме од повеќето аспекти на Месечината. Ќе споменеме само неколку: Месечина во секстил со Венера секогаш овозможува популарност; во опозиција со Нептун ги тера гледачите да ја забележат нејзината умешност да се прилагоди и да создаде пријатна атмосфера. Рековме дека Нептун ги симболизира илузиите, но и филмската и телевизиската фела. Но, далеку од тоа дека може да очекува мирна соработка. Често избувнува и влегува во конфликти, без разлика што потоа ја смирува брзо ситуацијата. Повеќе од сигурно е дека ќе има уште неколку други професии или позиции во слични медиуми.

  

   7 поле означува партнерства, нашиот идеален партнер, особините кои ни недостасуваат. Многу е веројатно својот идеален партнер Нора да го запознае преку членови на семејството. Помеѓу нив ќе постои напнат однос (Сонце во опозиција со Уран), но и возбудлива, силна интеракција. Марс се наоѓа во Терезија во големото 7 поле. Тој мора да биде друштвен и забавен, ако не убав, тогаш привлечен и шармантен. Но и оригинален и инвентивен (Марс во секстил со Уран), склон ќе биде кон фантазирање и манипулирање (Марс во квадрат со Нептун). На некој начин, ќе и биде од голема полза во кариерата (Марс во секстил со МЦ).

  

   Не се исклучува можноста поради силниот темперамент, во некој момент од заедничкиот живот да дојде до изненадувања во врската, но затоа Нора ќе мора да внимава на своите зборови, однесување и одговорности.

  

   Надворешните планети Јупитер, Сатурн и Плутон се сконцентрирале во 8 поле на морална и финансиска поддршка од другите. Владетелот на тоа поле, Венера, владее и со сексуалните потреби и инстинкти. Во Овен и во опозиција со Плутон, страстите се длабоки и незадржливи, без дискриминација и задршка.

  

   Тригонот на Месечината во 5 поле со Јупитер ја покажува и потребата од чести контакти. Но, Терезијата пред се укажува и на естетски моменти. Плутон, Јупитер и Сатурн укажуваат на длабоки и моќни чувства кои својот вентил го наоѓаат во физичкиот склоп.

  

   9 поле е поле на интелектуални способности, високо образование, роднини на брачниот партнер. Уран, иако технички присутен во 9 поле, сепак поважен е во конјункцијата со зенитот. 9 поле започнува во Скорпија, што е интересен показател за нејзините догматични ставови. Знае добро да ја прозре вистинската поставеност и намерите на луѓето, но веројатно често се служи и со иронијата кога се решава да даде свој суд за работите. Кога  9 поле се наоѓа во Скорпија се препорачува медицината како образовни студии (хирургија, стоматологија), полиција, итн. Но, владетелот Плутон е во Терезија: меѓучовечки односи, комуникација, разбирање, соработка. И Уран во Стрелец ја насочува кон испитување на човековата судбина. Поради повеќето добри аспекти се предвидува успешен завршеток на студиите до 2006 година.

  

   10 поле е област на врвот на кариерата, едниот родител, нашето влијание на поширокиот слој на луѓето (заедно со 7 поле). Каде се наоѓа Стрелецот таму е вперена нашата стрела за успех. Во 10 поле означува контакти со најразлични луѓе, слободоумност и омиленост. Можеби главната професија ќе биде таа која ќе вклучува работа со политички организации; ова го кажуваме поради поставеноста на Јупитер во Скорпија, во 8 поле на поддршка од партнерите и народот.

  

   Ако студираше економија со сигурност ќе кажевме дека ќе беше успешен банкар!  Но, во овој слуај, кариерата ќе биде поврзана со широк слој на луѓе, комуникација и странци. Во секој случај, има уште многу да напредува до осознавањето и реализирањето на своите желби.

  

   11 поле е поле на пријатели, социјални настани, здруженија, организации и групации. Тоа е и поле на нашите цели и идеали. Финансискиот резултат од исполнувањето на професионалните обврски. Нептун ќе и донесе многу илузии во однос на тоа кои и се вистинските пријатели, како дел од лошиот, конфликтен Т-квадрат. Тешко ќе успее да препознае мудар совет а ќе мора да внимава и на “искрените” чувства кои ќе ги добива од партнерите. Како што ќе созрева ќе успева да ги идентификува своите вистински пријатели, цели и идеали, соништа. Се стреми кон недостижни работи. Се чини сепак дека ќе има доволно енергија да се обиде и да ги реализира.

  

   Завршуваме со 12 поле, најтаинственото од сите. Тоа што длабоко го чувствуваме во подсвеста, студената санта лед длабоко закована за дното. Ретки се тие кои се запознати со своите најискрени намери и потреби.

  

   Не е за изненадување тоа што 12 поле се наоѓа во Јарец; со тоа се потврдува нејзината амбиција да се докаже во тоа што го прави. Тоа што пак може да ја кочи се нејзините силни, подсвесни стравови дека нема да се покаже во најдобро светло. Никој тоа нема да го препознае, но поминува и низ моменти на депресија и анксиозност.

  

Астролог-уредник: Глигор Михаиловски

  

Copyright: www.HOROSKOP.com.mk©2004. All rights reserved. For info about website, please contact WebMaster.